Евреите 2
Macedonian New Testament
Одговорност спрема величественото спасение
2 Затоа треба да обрнеме многу поголемо внимание на вистината што ја чувме, за да не се случи да не ја погодиме целта! 2 Зашто, се покажа дека пораката што им ја даде Бог, преку ангелите, на нашите предци беше вистинита, па за секој прекршок на Божјиот Закон или непослушност луѓето беа праведно казнети. 3 Тогаш, како ќе можеме ние да ја избегнеме казната, ако сме незаинтересирани за ова величествено спасение!? Самиот Господ прв почна да проповеда за ова, а оние што Го слушнаа ни ја пренесоа[a] оваа вистина. 4 Во исто време, Бог ја потврди оваа порака со видливи докази, со извршување чуда, со разновидни моќни дела, и со дарови од Светиот Дух кои ги распределуваше според Својата волја.
Старозаветни сведоштва за возвишеноста на Христос
5 Знаеме дека идниот свет за кој ние зборуваме, Бог не им го довери на ангелите. 6 Напротив, како што стои запишано некаде во Светото Писмо:
„Што е човекот, та да му обрнуваш внимание,
и за синот човечки[b] да се грижиш?
7 Само за кратко време го направи помал од ангелите,
а потоа со слава и со чест го овенча.
8 Му даде власт над се“.
Кога вели: „Му даде власт над се“, значи дека Бог не оставил ништо што не е под Негова власт, иако засега не гледаме дека се Му е потчинето. 9 Но Го гледаме Исуса - Кој иако за кратко време беше на пониско место од ангелите, за да страда и да умре за сите, покажувајќи ни ја Божјата благонаклоност - сега Тој е овенчан со слава и чест!
10 И навистина, Бог, Кој е Творец на се и Кому Му припаѓа се, постапи соодветно, кога преку страдања Го издигна Исуса во совршен водач, зашто Исус на многу Божји чеда им донесе спасение и слава. 11 Сега и Исус, и оние што ги освети, имаат еден ист небесен Татко. Затоа Исус не се срами да ги нарече браќа, 12 кога на Бог Му се обраќа со следниве зборови:
„Твоето име меѓу браќата ќе Го проповедам,
и сред собранието ќе Те прославувам[c]!“
13 А го рече и следното:
„Во Бога ќе ја положам Својата доверба.“
И потоа: „Еве Ме заедно со чедата што Ми ги даде Бог[d]!“
14 Бидејќи „чедата“ - како што Тој ги нарече - се луѓе од крв и месо, и самиот Исус стана како нив, со цел преку Својата смрт да го уништи Ѓаволот, кој ја има власта над смртта, 15 и да не ослободи сите нас, кои цел живот живееме како робови на стравот од смртта.
16 Јасно е дека Исус не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авраамовите потомци[e]. 17 Затоа, Тој мораше во се да стане сличен на Своите „браќа“, за да стане нивни верен и милостив Првосвештеник пред Бог. Така можеше да принесе жртва што ќе ги отстрани гревовите на луѓето. 18 Сега, кога и Тој помина низ страдања и искушенија, може да ни помага кога ние минуваме низ искушенија.
Footnotes
- Евреите 2:3 Или: ни ја потврдија.
- Евреите 2:6 Или: Синот Човечки.
- Евреите 2:12 Цитат од Псалм 22:22.
- Евреите 2:13 Исаија 8:17-18.
- Евреите 2:16 Старозаветниот патријарх Авраам е наречен татко на верата, па оттаму изразот Авраамови потомци во овој контекст ги означува сите искрени верници и следбеници на Бог, а не биолошките потомци на Авраам.
Copyright 1999 by HBC Radosna Vest